Родителски перцепции за користењето на медиумите од страна на децата со аутизам

Број 5 | декември 2024
Дејан Филиповски, Марија Давчевска
УДК: 316.65-055.52:[07-042.5:616.896-053.2
DOI: 10.64370/GHSN3029

Апстракт

Ова истражување ги прикажува родителските перцепции и искуства во врска со користењето на медиумите (телевизија, интернет, игри итн.) од страна на децата со аутизам. Истражувачката методологија вклучува полуструктурирани интервјуа со родители на 22 деца со аутизам, кои се репрезентативен примерок, односно се разликуваат по возраст, пол, образование и економска состојба, со вклучен етички пристап, при што во интервјуата се прикажуваат нивните лични искуства и перцепции. Истражувањето дополнително вклучува користење дневници за набљудување кои ги водат родителите за период од 30 дена. Со анализа на интервјуа со родителите на деца со аутизам се открива дека употребата на медиумите често се забележува како средство за подобрување на комуникациските вештини на нивните деца. Родителите често наведуваат дека интерактивните програми и видеоигрите им помагаат на децата да развијат способности за собирање информации и проблемски решенија. Од анализата на дневниците на набљудување, повеќе од половина од родителите се изјаснија за позитивни ефекти од употребата на медиумите врз емоционалната регулација на децата. Исто така, беше откриена значителна корелација помеѓу времето трошено пред телевизор или интернет и нивната способност за справување со стресни ситуации. Истражувањето открива дека медиумите имаат значителен потенцијал да го подобрат животот на децата со аутизам, особено во контекст на емоционална регулација и социјализација. Сепак, како препорака, потребен е балансиран пристап и поддршка од страна на родителите за да се избегнат негативните ефекти и да се максимизираат предностите на употребата на медиумите во овие случаи. Заклучоците од ова истражување се од големо значење за развојот на инклузивни политики на децата со аутизам и претставуваат основа за развој на подобрени стратегии и програми што ќе ги подобрат условите за живот и вклученоста на оваа популација во различни сегменти на заедницата.

Клучни зборови: родителски перцепции, медиуми, деца со аутизам