Аргументи за автономија на медиумската писменост како задолжителен предмет

Број 6 | октомври 2025
м-р Александра Спасевска
професор по македонски јазик и литература

Апстракт:

Медиумската писменост е интегрирана како наставна содржина во предметот Македонски јазик во основното образование, но нејзината имплементација заостанува во средното образование, затоа што наставните програми на основното и средното образование во земјата со години не се меѓусебно усогласени. Во последните години се прават напори медиумската писменост да стане дел од секојдневното училишно искуство преку надворешни проекти или со формирање медиумски клубови во рамки на училиштата. Но постигнатиот ефект е далеку од посакуваниот (само мал број ученици во едно училиште стекнуваат вистинско знаење за темата). За да се постигне подобар напредок кај учениците и тие да ја разберат потребата и суштината на ова знаење и вештина, медиумската писменост треба да се издигне на ниво на засебен предмет што ќе го предаваат обучени наставници. За жал, наставниците по македонски јазик и литература, без соодветна дополнителна подготовка, не се доволно оспособени во областа на медиумската писменост (не на ниво за да ја предаваат темата). Затоа, оваа студија на случај има за цел да ја покаже потребата од ваков автономен предмет во училиштата, со што Медиумската писменост конечно ќе го добие своето неопходно место во образованието, а нашите млади ќе ги стекнат потребните знаења за функционален живот во 21 век. Во таа насока, покрај теоретското истражување, ќе се спроведе и емпириско истражување преку анкетирање на наставниот кадар и учениците, со фокус да се потврди важноста на ваков предмет.

Клучни зборови: медиумска писменост, основно образование, иновација