Медиумска писменост – потреба и предизвици во младинското образование

Број 6 | октомври 2025
Лиле Каранфиловска
Одделенски наставник

Апстракт

Човечкиот напредок нè доведе до дигиталното доба – време во кое сите мора да научиме да се движиме рационално и свесно. Денес, секој може да објавува содржини, а без соодветно образование станува сè потешко да се препознае вистината. Никогаш досега младите не комуницирале со медиумите на овој начин. Ако веќе поминуваат толку многу време со нив и примаат информации од нив, младите треба да знаат како функционираат медиумите, како влијаат врз нивниот живот и како да создаваат содржина на правилен и одговорен начин. Особено важно е децата да разберат какви типови информации постојат, како да ги разликуваат, како тие патуваат и какви последици оставаат. Затоа е клучно да се развие нивната способност за критичко размислување и рационално донесување одлуки – бидејќи тие самите се медиум. Денешните содржини, без разлика дали се забавни, информативни или едукативни, комбинираат слики, видеа, зборови и звуци. Од најрана возраст, децата мора да стекнат вештини за да ги разбираат, оценуваат и користат овие пораки. Критичкото размислување е темелот на медиумската писменост и предуслов за донесување исправни одлуки во сите сфери на општествениот живот. Затоа, како наставници, пред нас стои голем предизвик – преку игриви активности и проблемски ситуации да ги научиме учениците безбедно да ги користат медиумите и успешно да се вклопат во дигиталното време, бидејќи токму тие се носителите на идниот напредок на нашата земја.

Клучни зборови: медиуми, вести, информации, млади, социјални медиуми, лажни вести, интернет