Улогата на медиумската писменост во справување со предизвиците на социјалната мрежа TикTок

Број 6 | октомври 2025
Соња Трифуновска, Зорица Адамчевска
Одделенски наставници

Апстракт

Во ерата на дигитална револуција, користењето на социјалните мрежи стана составен дел од секојдневниот живот на милијарди луѓе. Тик Ток е една од најпопуларните и најбрзорастечките социјални платформи во светот чија привлечност се базира на дигитална забава преку креирање, споделување или следење на куси видеа. Оваа платформа има моќен алгоритам кој ја персонализира содржината за корисниците, создавајќи кај нив привлечно и интересно искуство. Поради тоа Тик Ток стана централно место за користење од страна на младите за едукативни и забавни цели, но и за вирални предизвици кои се моќен начин за ангажирање на корисниците. Тие можат да бидат забавни, едукативни и креативни, но и да носат ризици по безбедноста и здравјето и да ја нарушат емоционалната и психичката состојба кај учесниците. Овие трендови брзо се шират заради алгоритмите на платформата и активното промовирање преку „For you page“ и затоа тешко можат да бидат избегнати од корисниците на мрежата. Вклучувањето на младите во овие предизвици стана општествен проблем кој бара мултидимензионален пристап за негово справување. Но најважното оружје во борбата со предизвиците на Тик Ток е медиумското образование  преку кое младите ќе стекнат вештини за разбирање на дигиталниот простор, детектирање на ризиците од опасни трендови, јакнење на дигиталната етика и зголемување на свеста за безбедно користење на платформите. Ова истражување ќе понуди пристапи и решенија за справување на младите со предизвиците на социјалната платформа Тик Ток кои се базираат на анкетни прашалници и интервјуа со ученици од 10 до 15-годишна возраст. Врз основа на резултатите од ова истражување, се согледува потребата од засилено вклучување на медиумското образование во училиштата, со акцент на едукација за безбедно користење на социјалните мрежи.

Клучни зборови: социјална мрежа, Тик Ток, медиумска писменост