Вештачката интелигенција и дезинформациите во дигиталниот простор: етички предизвици за медиумската писменост и новинарството

Број 6 | октомври 2025
Марина Тунева
Доктор по студии на културата

Апстракт

Овој труд ја истражува двојната улога на вештачката интелигенција, како алатка за справување со дигиталните дезинформации, но и како фактор што придонесува за нивното ширење. Анализата е сместена во поширокиот контекст на медиумската етика и саморегулацијата, со цел да се согледаат новите етички предизвици што произлегуваат од примената на вештачката интелигенција во медиумите. Преку разгледување на глобални и регионални практики, трудот покажува како вештачката интелигенција придонесува за забрзано ширење на лажни информации, засилување на алгоритамската пристрасност и создавање дилеми во однос на транспарентноста и одговорноста во новинарската практика. Овие предизвици се особено изразени во земјите во транзиција, каде што поддршката за етичко новинарство и саморегулаторните механизми е ограничена. Трудот ја нагласува итната потреба од приспособување на постоечките саморегулаторни рамки, со цел да ги адресираат специфичните ризици поврзани со создавање и дистрибуција на содржини генерирани со вештачката интелигенција. Клучните препораки вклучуваат: интеграција на одговорноста во однос на примената на вештачката интелигенција во рамки на медиумската етика, поттикнување транспарентност при одлучувањето за начинот на којшто ќе се применат алгоритмите и обука на новинарите за справување со етичките импликации од користење на алатките на вештачката интелигенција. Компаративните наоди упатуваат на тоа дека усогласувањето на националните рамки со меѓународните стандарди значително може да го ублажи влијанието на дезинформациите и да ја зајакне довербата во медиумите.​ Истражувањето придонесува кон актуелната академска и професионална дебата за медиумската и информациската писменост, обидувајќи се да го премости јазот меѓу теоријата и практиката. Притоа се нагласува интердисциплинарниот пристап во справувањето со дигиталните дезинформации, преку комбинирање технолошки, социолошки и политички перспективи за изнаоѓање одржливи решенија. Трудот е особено релевантен за разбирање на сложената поврзаност меѓу вештачката интелигенција, критичкото размислување и етичкото новинарство во дигиталната ера.​

Клучни зборови: Вештачка интелигенција, дигитални дезинформации, медиумска етика, медиумски интегритет.