fbpx

Едукација за медиумска и информациска писменост во време на дезинформации: Согледувања на професорите и на студентите на УЈИЕ

Број 2 | март 2023
Албулена Халили; Едлира Палоши Диша; Демуш Бајрами; Шемседин Ибрахими
Универзитет на Југоисточна Европа
УДК: 316.472.3:373.5.091.212]:303.621.33(497.7)

Апстракт

Живееме во ера на дезинформации и во тек е револуција на пропагандата, која раѓа кревки демократии, ранливи граѓани, помалку компетентни размисли и дискусии, нови форми на субверзија, злоупотреба на информации од трети страни итн. Северна Македонија е многу фрагментирано и длабоко поделено општество, што остава простор злонамерните актери да извршат влијание за да ги постигнат своите геополитички цели, како што се дестабилизирање, слабеење на врските со Западот или само зголемување на своето присуство. Отпорноста, на тој начин, стана штит во современата информациска војна. Образованието за медиумска и информациска писменост, преку развивање на критичкото размислување кај младата генерација, е conditio sine qua non за градење отпорност на дезинформации. Оваа студија тврди дека универзитетите како катализатори на промени имаат мисија да го водат процесот на градење општествена отпорност, преку едукација за медиумска и информациска писменост. Во овој труд, истражувачите од Истражувачкиот кластер за медиумска писменост и дезинформации на Институтот Макс ван дер Штул (MVDSI) од Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ), преку пристап со комбинирање квалитативни и на квантитативни методи, ги испитуваат перцепциите на членовите на академскиот кадар и на студентите на УЈИЕ во однос на образованието за медиумска и информациска писменост на универзитетско ниво. Податоците од прашалникот за персоналот (n=45) сугерираат дека мнозинството членови на академскиот кадар на сите факултети и институти на УЈИЕ го перципираат образованието за медиумска и информациска писменост како еден од начините младите луѓе да се направат отпорни на дезинформации. Студентскиот прашалник (n=105) откри слични резултати. Студентите на УЈИЕ ја истакнаа својата желба за воведување на Медиумската и информациската писменост како изборен предмет во нивните наставни програми, како еден од најдобрите начини да станат отпорни на дезинформации на интернет. Начините и модалитетите на имплементација и содржината на наставната програма остануваат предмет на истражување.

Клучни зборови: дезинформации, отпорност, образование за медиумска и информациска писменост, УЈИЕ