fbpx

Имплементација на медиумската писменост во основното образование – нов модел на образование

Број 2 | март 2023
Виолета Стевановска; Гордана Атанасова; Габриела Дурчевска Георгиева
УДК: 373.3.016:003-028.31]:316.774(497.7)

Апстракт

Современиот начин на живот, брзите промени и новите животни навики ја наметнуваат потребата од спроведување промени и во образованието. Промените започнуваат прво кај најмладите ученици (во основните одделенија), преку промена на нивната свест и начинот на размислување. Не можеме да го занемариме фактот дека секој ученик има слободен пристап до сите информации преку своите паметни уреди, па оттаму, умешноста на наставниците, што истовремено е и предизвик на денешното живеење, е да најдат начин да ги описменат учениците во областа на медиумската писменост и да ја употребат сета таа технологија во насока на унапредување на наставниот процес. Потребни се содржини, форми, методи и стратегии на работа што ќе ја зголемат мотивацијата на учениците за учење и за стекнување трајно знаење, што е основа за подигнување на нивото на критичко размислување. Значењето на медиумската писменост е теоретски објаснето во овој труд и поткрепено со емпириски податоци добиени преку анкета спроведена кај целната група – наставници од основните училишта од I – V одделение. Овој труд се занимава со прашањето за имплементацијата на медиумската писменост и за нејзиното влијание врз развивањето на критичкото мислење кај учениците, преку емпириско истражување на мислењето на наставниците од основните училишта во Македонија. Овие податоци се основа за создавање предлог-модел на образование за медиумска писменост што поттикнува позитивни промени во наставата и општеството во целост.

Клучни зборови: медиумска писменост, основно образование, критичко размислување, промени, наставен процес