fbpx

Компетенции за медиумска писменост на работното место: Подобрување на комуникацијата кај младите вработени лица

Број 2 | март 2023
Бојан Китановиќ; Ивана Китановиќ
УДК: 37:316.774]:003-028.31(497.7)

Апстракт

Новите медиумски технологии и социјалните медиуми индиректно и директно влијаат врз сите вработени лица, и тие се еден сеприсутен елемент на работното место. Членовите на организациите го чувствуваат нивното влијание на индивидуално, групно, организациско, па дури и на општествено ниво. Младите се особено под силно влијание на новите дигитални медиумски канали, вклучително и на платформите на социјалните медиуми. Тие понатаму имаат влијание врз нивната комуникација тогаш кога младите во голем број стануваат дел од работната сила. Покрај тоа, нивната способност да работат заедно, да соработуваат и меѓусебно да се координираат се потпира врз синхрона и асинхрона комуникација која се одвива преку дигитални уреди, и тоа главно поттикната од разни современи аранжмани што ги бара работното место (работа од далечина, хибридна работа, coworking, работење преку мобилна технологија и слично). Ова ја прави употребата на социјалните медиуми и на другите дигитални медиумски платформи и алатки императив за успешно завршување на задачите и за постигнување на целите поврзани со работата (Ligurgo, и други, 2019). Затоа, подобрувањето на компетенциите во врска сосоцијалните медиуми и со медиумите на самото работно место е важно и тоа обликува нови начини на работењето и на комуникацијата на разни нивоа на организацијата. Овој труд ќе се обиде да даде одговор на тоа кои се компетенциите за описменување за работа на социјалните медиуми што им се потребни на вработените млади луѓе, за да можат подобро да комуницираат во професионална работна средина. Одговорот на ова прашање ќе биде разгледан од аспект на моделот на писменост на социјалните медиуми (SML), наместо од технички аспект. Како метод за собирање податоци, авторите спроведоа полуструктурирани интервјуа со лица кои работат во канцеларија, а резултатите од овие интервјуа беа анализирани со примена на втемелена теорија. Инвестициите и соработката за постигнување сеопфатно образование за целите на описменување на социјалните медиуми се од суштинско значење, што ќе им овозможи на организациите да започнат да се занимаваат со овој феномен на самото работно место и да ги едуцираат вработените за тоа на кој начин социјалните медиуми и комуникацијата преку овие платформи можат да ги подобрат целокупната работна клима, комуникација и благосостојба.

Клучни зборови: медиумска писменост, социјални медиуми, млади вработени лица, комуникација, работно место