Критичкото размислување – значаен фактор за идентификување и за справување со дезинформираноста на учениците
Број 2 | март 2023
Маја Митевска-Поцева
Наставник-ментор во ООУ „Браќа Миладиновци“УДК: 316.654:613.2-053.6(479) | 316.472.47:613.2-053.6(479)
Апстракт
Напредокот во информатичката технологија го промени начинот на којшто корисниците бараат и користат информации. Развојот на технологијата создава можности и закани за начинот на којшто ги восприемаме информациите, политиката и односите. Оттаму, пристапот до информации е многу лесен. Влијанието на медиумите врз развојот на една личност е од големо значење. Со оглед на тоа дека децата и младите доаѓаат во контакт со медиумите уште од мали нозе, јасна е потребата тие да бидат медиумски писмени. Младите генерации мора да се запознаат со медиумската писменост од рана возраст бидејќи медиумите се дел од нашето секојдневие. Тоа е неопходно за непречено функционирање во сите сфери на општеството. Медиумската писменост треба да биде застапена на сите нивоа на формалното образование, треба да ѝ се посвети посебно внимание и да се понудат системски решенија за создавање добро информирани и медиумски писмени граѓани. Тоа е важно бидејќи придонесува за развојот и за примената на вештини за критичко размислување, разбирање како медиумските пораки влијаат врз општеството и ја обликуваат нашата култура, за препознавање на дезинформациите и за заштитување на правата на граѓаните. Преку оваа студија, ќе се обидеме да добиеме јасна слика за нивото на развој и степенот на примена на медиумската писменост кај најмладите ученици, кои методи треба да се преземат за подигнување на свеста и со кои методи ќе се стремиме да влијаеме врз создавање медиумски писмени личности, кои понатаму во животот ќе можат самостојно да препознаваат лажни вести или дезинформации и успешно ќе се справуваат со нив.
Клучни зборови: информации, медиуми, медиумска писменост, образование