fbpx

Културата на генерацијата „z“ – насока за создавање нови образовни концепти

Број 2 | март 2023
Тамара Ќупева
Институт за македонска литература при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
УДК: 378.016:003-028.31]:316.774(497.7)

Апстракт

Доколку направиме едно сумирање на искуствата од минатото, со сигурност може да кажеме дека општествените, економските и социјални промени се факторите кои ја определуваат културата на поединците и на заедницата во целина. Пандемијата со КОВИД-19 доведе до интензивирање на тоа светот да се интегрира во виртуелната димензија на живеењето и, заедно со психолошките и со социјалните последици од неговиот развој, создаде еден свет што прерасна во најголем историски предизвик за целокупната наука. Генерацијата која е родена по 2000 година, именувана како генерација „Z“, учи и се развива во околности што се карактеризираат со технолошки напредок и под фактори на влијание кои ја надминуваат традиционалната педагогија. Некои од факторите кои го одредуваат развојот на личноста на овие генерации, покрај семејството и групите составени од нивни врсници, се и медиумите, кои имаат доминантно место. Технологијата е дел од нивниот идентитет и тие се технолошки вешти, но, од друга страна, немаат вештини за решавање проблеми и не покажуваат способност да ја погледнат ситуацијата, да ја стават во контекст, да ја анализираат и да донесат одлука (Coombs, 2013). Јазикот на генерацијата „Z“ е систем за комуникација со свои автентични правила и со внатрешна структура. Соочени со современите форми на комуникација, тие создаваат нови јазични кодови, како и иновативни и креативни форми на изразување. Соочени, исто така, со најголемите предизвици кои досега се случиле во историјата на образованието и со влијанието на технологијата врз развојот на детето, современите образовни системи бараат постоење на модели, пристапи, вештини и писменост кои ќе ги задоволат индивидуалните потреби на новата генерација млади луѓе и, во исто време, ќе излезат во пресрет на потребите на пазарот. Од овие причини, новите образовни концепти треба да се засноваат врз пристапи кои ќе обезбедуваат интеграција на критичкото и креативното размислување, како и развој на емоционалната интелигенција. Вештачката интелигенција сè повеќе создава оперативни системи што се предвидувачи на тоа како ќе се однесуваат корисниците. Алгоритмите станаа најмоќната алатка за таргетирање, управување и насочување на културата. Во таа смисла, новата култура, речиси без исклучок, се дефинира како алгоритамска култура.

Клучни зборови: генерација „Z“, култура, апликации, јазик, образование