Прилагодување кон новата медиумска реалност: потребата од мултиплатформски пристап во градењето на стратегиите за брендирање на локалните и регионалните медиуми
Број 7 | декември 2025
м-р Александар Манасиев
Новинар и медиумски консултантАпстракт
Дигитализацијата суштински ги трансформираше начините на продукција, дистрибуција и консумација на медиумската содржина, со што се промени традиционалниот медиумски пејзаж. Во таква средина, локалните и регионалните медиуми се соочуваат со зголемени притисоци поврзани со видливоста, ангажманот на публиката и долгорочната одржливост, особено доколку не успеат да се приспособат на новите дигитални и платформски услови. Овој труд ги анализира стратегиите за брендирање што ги применуваат локалните и регионалните медиумски организации во дигиталната ера, со посебен фокус на ефектите од мултиплатформскиот пристап. Основната хипотеза е дека медиумите што систематски користат повеќе платформи и различни формати на содржина остваруваат поголема видливост на брендот и повисок степен на ангажман на публиката во споредба со медиумите што се потпираат на една платформа. Истражувањето се темели на квантитативна анализа на анкетни податоци собрани од локални и регионални медиуми во Македонија и опфаќа анализа на нивното присуство на веб-платформи, социјални медиуми и мобилни апликации. Посебно внимание е посветено на три клучни елементи на мултиплатформската стратегија: употребата на мултимедијална содржина, интерактивните формати и содржината генерирана од корисниците (UGC). Резултатите укажуваат дека медиумите што применуваат мултиплатформски пристап бележат значително поголема видливост и поинтензивен ангажман на публиката. Видеосодржините се издвојуваат како најефективен формат, додека интерактивните форми и UGC покажуваат потенцијал за зајакнување на довербата, кредибилитетот и релацијата меѓу медиумот и публиката. Спротивно на тоа, медиумите што не користат мултиплатформски стратегии најчесто имаат ограничен досег и пониска препознатливост на брендот. Заклучно, трудот потврдува дека мултиплатформските стратегии за медиумско брендирање претставуваат клучен фактор за одржливост и конкурентност на локалните и регионалните медиуми во современиот медиумски екосистем.
Клучни зборови: медиумско брендирање, мултиплатформски пристап, локални медиуми, мултимедијална содржина, ангажман на публиката
