Ставови и искуства на специјалните едукатори и рехабилитатори за интеграцијата на медиумите во едукативниот процес
Број 7 | декември 2025
Марија Давчевска, Дејан Филиповски
Специјален едукатор и рехабилитаторАпстракт
Во современото образовно опкружување, медиумите играат сè позначајна улога во поддршката на учениците со попреченост, особено преку зголемена комуникација, мотивација и социјална инклузија. Истражувањето има за цел да ги испита ставовите и искуствата на специјалните едукатори и рехабилитатори во Република Северна Македонија во однос на употребата на медиуми во нивната професионална пракса. Применета е методологија која вклучува квантитативна анкета со 56 учесници и квалитативни полуструктурирани интервјуа. Истражувањето се фокусира на перцепираните придобивки од медиумите, честотата и видот на нивна примена, како и на бариерите со кои се соочуваат стручните лица, како технолошки ограничувања, недостаток на адаптирани содржини и недоволна обука. Резултатите покажуваат дека медиумите генерално се перципираат како корисна алатка, особено во контекст на визуелна поддршка и мултисензорно учење. Меѓутоа, присутни се значајни разлики во нивната примена, зависно од нивото на дигитална писменост, типот на попреченост со која работат, како и од институционалната поддршка. Дополнително, евидентирани се разлики во пристапот кон користење медиуми меѓу урбани и рурални средини, како и кај различни генерациски групи на стручни лица. Интервјуата откриваат различни адаптациски стратегии и креативни пристапи за интеграција на медиумите, вклучувајќи употреба на визуелни потсетници, аудитивни ресурси и интерактивни апликации. Истражувањето има импликации за унапредување на обуката, развој на локализирани ресурси и системска поддршка за дигитална инклузија во специјалната едукација. Особено се препорачува развој на сеопфатни програми за дигитална писменост, редовна техничка поддршка, како и вклучување на медиумите во националните стратегии за инклузивно образование. Наодите отвораат простор за идни истражувања кои ќе го разгледуваат долгорочното влијание на медиумите врз академскиот и социјалниот развој на учениците со попреченост.
Клучни зборови: Специјален едукатор, медиуми, дигитална писменост
