Влијанието на дигиталните алатки врз постигањата на учениците во наставата по странски јазик во основното образование
Број 8 | мај 2026
Лила Каранфиловска, Даниела Шапкароска
НаставнициУДК: [373.3.016:81'243]:004.032.6
DOI: 10.64370/IQKQ9676
Апстракт
Дигитализацијата во основното образование претставува значаен фактор за унапредување на наставниот процес, особено во наставата по странски јазици. Интеграцијата на дигитални алатки, како интерактивни образовни платформи, апликации за учење, видеосодржини, дигитални игри и онлајн-ресурси, овозможува создавање динамична и стимулативна средина за учење, приспособена на возраста и интересите на учениците. Овој труд го испитува влијанието на дигитализацијата врз постигањата на учениците во основното образование, со фокус на развојот на јазичните вештини: слушање, зборување, читање и пишување. Употребата на дигитални алатки придонесува за зголемена мотивација, поголема вклученост на учениците и нивна поактивна улога во наставниот процес. Преку мултимедијален пристап и интерактивни активности, учениците полесно усвојуваат нов вокабулар и граматички структури, а истовремено ја унапредуваат својата комуникативна компетентност. Дополнително, дигиталната технологија овозможува диференцирана настава и индивидуализирано учење според способностите и темпото на учење на секој ученик. Сепак, ефективноста на дигитализацијата зависи од нејзината соодветна педагошка примена, континуираниот професионален развој на наставниците и обезбедувањето соодветна техничка поддршка. Како заклучок, правилно применетите дигитални алатки имаат позитивно влијание врз постигањата на учениците во изучувањето странски јазик во основното образование.
